Карате клубот Макпетрол веќе подолги години успева да го задржи приматот најуспешен клуб на Државните првенства во генерален пласман за спортисти од пионери до сениори.

Карате клубот Макпетрол е основан на 5.3.1997 година и постои веќе 15 години. За овој временски период од своето постоење, тој стана најреномиран, најуспешен и најтрофеен клуб во Р. Македонија и како таков влезе во историјата на карате спортот. За стручната работа во целокупниот изминат временски период одговорен е првиот тренер и долгогодишен селектор на Македонската сениорска репрезентација, тренерот Бошко Заборски, а Претседател на Клубот е г. Зоран Доневски. Тоа што го издвојува овој спортски колектив од другите клубови во досегашното постоење и работење, секако, е големата бројка квалитетни спортисти – репрезентативци, кои имаат директно потекло и се создадени во овој клуб. Поголемиот број од нив станаа повеќегодишни стандардни репрезентативци на Македонија. Каратистите од Макпетрол се присутни во сите национални селекции, почнувајќи од најмалите возрасни групи на пионери, кадети, јуниори, па сe до највозрасните категории на сениорите.

Карате клубот Макпетрол има уште неколку значајни светски и европски достигнувања што се остварени од страна на спортистите од овој клуб, а тоа се, секако, европските и светските медали на спортистите: Жарко Арсовски, Наташа Стефановска, и Симона Заборска. За Карате клубот Макпетрол и генерално за македонскиот спорт, најуспешна година беше 2011 год., годината кога спортистката Наташа Илиевска стана Топ 3, и освои буквално сe што можеше да се освои. Таа стана официјална европска шампионка, беше прворангирана на официјалната Светската ранг листа, и стана прворангирана , односно стана ,,Главен победник“ на натпреварите што ги организираше Светската карате федерација, од таканаречената „Премиер светска карате лига“, организирана за најдобрите светски каратисти.

Карате клубот Макпетрол продолжува успешно да се преставува на домашната, европската и светската сцена. Во моментов на повидок е нова генерација македонски млади каратисти, кои се водат со идејата дека во следниов период треба уште повеќе да го афирмираат македонскиот спорт како на клупско така и на највисоко државно – репрезентативно ниво. Тоа значи дека Карате клубот – Макпетрол и во иднина ќе продолжи со својот професионализам и продуцирање нови успешни спортисти со кои ќе се гордее нашата држава!

Натпреварувачите од овој клуб се учесници на многубројни натпревари што се организираат во европски и светски рамки, како што се: Интернационални турнири, Балкански, Медитерански, Европски, Светски првенства (официјални и универзитетски и светски купови). Голем број од спортистите станаа носители на врвни спортски резултати, рангирани како такви од Агенцијата за млади и спорт на Р. Македонија и се добитници на многубројни признанија и награди од највисоките водечки институции на градот Скопје и државата. Карактеристично за Карате клубот Макпетрол е тоа што секогаш има тимови што се натпреваруваат во женска и во машка конкуренција. Тимовите се застапени во сите возрасни категории во дисциплините кати и борби. Карате клубот Макпетрол, скоро секоја година го носи приматот на најуспешен клуб од државните првенства во севкупен, односно генерален пласман за спортисти кои се натпреваруваат во сите возрасни категории од пионери до сениори.

Клупската препознатливост и единственост ја постигна со макотрпна систематска и континуирана повеќегодишна работа. Макпетрол стана најтрофеен и единствен клуб во Р. Македонија, коj има постигнато врвни спортски резултати од учества на сите официјални Европски и Светски првенства. Неговите спортисти имаат освоено медали од сите натпревари што се рангирани како најпрестижни и најквалитетни од страна на Светската и Европската карате федерација, а уште една карактеристика за овој клуб е тоа што медали подеднакво се освојуваат во машка и во женска конкуренција. Голема гордост за овој клуб претставува и тоа што најуспешната каратистка Наташа Илиевска е негов член. Таа со своите многубројни врвни спортски резултати стана најдобрата спортистка на сите времиња во Р. Македонија, а приматот најдобра спортистка на државата и беше официјално доделен три пати по ред во (2009, 2010, 2011 година).